Бистри Умови
Учење, натпреварување и развој.

Бесплатно и квалитетно образование по програмирање и математика за млади ученици.
„Бистри умови – Bright Minds of Macedonia“ е основано од родители на талентирано дете кое уште од најрана возраст ја негува љубовта кон математиката и информатиката и активно учествува на натпревари. Низ годините, одблиску го запознавме патот што го поминува едно талентирано дете – дополнителното учење, курсевите, подготовките и натпреварите во земјата и надвор од неа. Токму преку тоа лично искуство сфативме колку многу труд, посветеност и средства се потребни за еден млад талент вистински да го развие својот потенцијал. Истовремено, сретнавме многу талентирани деца со огромна желба за знаење и успех, кои не секогаш имаат можност да ја добијат потребната дополнителна едукација и поддршка. Од желбата да создадеме повеќе можности за овие деца се роди „Бистри умови“ – место каде талентот се препознава, знаењето се споделува, а младите добиваат поддршка да напредуваат. Во нашата мисија денес учествуваат и поранешни натпреварувачи по математика и информатика, кои денес живеат, студираат и работат во земјата и во странство, а своето знаење, искуство и љубов кон науката ги пренесуваат на новите генерации. Заедно создаваме една нова и уникатна можност за младите таленти – да учат од оние кои веќе го поминале истиот пат, да се развиваат и да го достигнат својот вистински потенцијал. Веруваме дека талентот треба да биде препознаен, негуван и поддржан – без разлика од каде доаѓа детето и какви се неговите можности.

