Родители на талентирано дете од Кочани организираат бесплатни курсеви за идни олимпијци

Анита и Васил Грчеви го отвориле здружението „Бистри умови“ за да им помогнат на талентирани деца чии семејства не можат да платат дополнителни часови

Поттикнати од личното искуство како родители на талентирано дете, Анита и Васил Грчеви од Кочани го отвориле здружението „Бистри умови“. Основна цел им е да организираат бесплатни напредни курсеви за подготовка на талентирани ученици од областа на природните науки за меѓународните натпревари. Иако здружението постои само два месеца, денеска почнува првиот камп по информатика кој ќе се одржи во хотелот „Брана Градче“ кај Кочани. До петок јуниорски и сениорски тим по информатика ќе имаат интензивни подготовки за претстојните олимпијади на интернационално и светско ниво. Подготовките ги организира Здружението на информатичарите на Македонија.

– Целта на „Бистри умови“ е да се поддржат талентираните ученици и млади. Како родители на дете кое од мало се натпреварува и е голем љубител на информатиката, но и на математиката, секогаш сме биле тука за да помогнеме и дадеме сè од себе за да му овозможиме на нашиот син дополнително учење надвор од училиштето, посетувајќи различни курсеви, подготовки за натпревари, во и надвор од државата. Според тоа колку средства се потребни и гледајќи многу талентирани деца со желба за знаење и успех, а не можат да си го дозволат сето тоа, решивме да основаме здружение за да им помогнеме и да ги поддржиме младите таленти – вели Грчева.

Анита Атанасова-Грчев

Се поврзале со Виктор Симјаноски, поранешен талентиран ученик и натпреварувач по математика кој постигнал високи резултати и освоил бројни награди медали по математика на државно и интернационално ниво. Со него ги почнале првите чекори за реализирање на нивните цели.

Виктор Симјаноски денес живее и работи во Америка. Се образовал на Масачусетс Институт за технологија (2011), на Универзитетот во Чикаго (2013) и професијата му е Quantitative researcher во Citadel. Тој има голема желба и на свој начин веќе неколку години им помага на нашите талентирани ученици по математика. Во моментот работи на основање на непрофитна организација во Америка за да може квалитетно да им се помогне на македонските талентирани ученици – објаснува таа.

Главна цел на „Бистри умови“ е да организира курсеви, обуки и подготовки за натпревари во областа на информатика, математика и останатите природни науки. Сето тоа да биде бесплатно за учениците кои сакаат да се поткрепат со повеќе знаење, а предвидена е помош и на други здруженија и сојузи од истата област.

– Во нашата држава има доста талентирани деца. За жал, не секое семејство може да издвои за да плаќа дополнителни курсеви. Нашиот син Владимир е 7 одделение и живееме во Кочани. Почнувајќи од 2 одделение, сиве овие години ги поминавме со посетување на разни курсеви и приватни часови во Скопје. Тие не бараа само финансии, туку и време, тропање од една врата на друга за да најдеме соодветен професор, бидејќи детето уште од мало е талентирано и благодарение на трудот и финансиите кои можевме да си ги дозволиме сето тоа се исплатеше – објаснува Анита.

Денес Владимир Грчев е првенец на генерација по информатика и еден од четирите деца во Јуниорскиот тим по информатика кои ја претставуваат Македонија на интернационалните олимпијади. Лани беше најмладиот учесник во историјата на олимпијадата.

Владимир Грчев

– Целта ни е на децата што се како нашиот син да им обезбедиме бесплатни курсеви по посебна понапредна програма во соработка со Здружението на информатичари, Сојузот на математичари Друштвото на физичари, Сојузот на хемичари и други. Веруваме дека има многу такви деца во државата – вели Грчева.

 

Здружението веќе има голема поддршка од наши претходни успешни натпреварувачи кои освоиле бројни освоени медали на интернационално и светско ниво. Тие се расположени да помогнат со давање совети, споделување искуство, знаење и решавање на проблеми од областа на математика, информатика и физика и тие може да се видат на официјалната интерент-страница brightmindsofmacedonia.com

Анита и Васил Грчеви

– Здружението постои два месеца и за овој период успеавме преку донации и спонзорства да собереме средства за првиот проект. За кампот кој почнува денеска добивме финансиска поддршка и од градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, од Советот на Општината, но и од повеќе компании од Кочани кои се јавно споделени на нашата страница. Целта ни е да собереме што повеќе средства од донации и спонзорства, од странски фондови – вели Грчева.